Skip to main content
Свет

Трамп: Војната со Иран наскоро ќе заврши

19/03/2026  19:34

Нема да бидат испратени дополнителни американски трупи на Блискиот исток. Ова го потврди американскиот претседател, кој оцени дека војната со Иран наскоро ќе заврши.

– Не испраќам трупи никаде. А и да испраќам, сигурно не би ви кажал – изјави Трамп на заедничка прес-конференција во Белата куќа со јапонската премиерка Санае Такаичи.

Тој додаде дека, иако цените на нафтата пораснале по американско-израелските напади врз Иран, ефектите биле помали од очекуваното.

– Очекував да биде полошо, многу полошо. Не е толку лошо и наскоро ќе заврши – рече Трамп.

Американскиот претседател изрази уверување дека Јапонија ќе „преземе одговорност“ во конфликтот, „за разлика од НАТО“.

Говорејќи за воената кампања, Трамп ја нарече „краток излет“, додавајќи дека иранските поморски и воздушни капацитети, како и противвоздушната одбрана, се сериозно ослабени.

„Морав да направам овој мал потег и да направам нешто што ниту еден друг претседател немаше храброст да го направи“, рече тој.

Од своја страна, Такаичи изјави дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и дека Јапонија ги осудува нападите на Иран врз земјите на Блискиот Исток, како и затворањето на Ормуската Теснина.