Skip to main content
Свет

Трамп вели дека ќе се сретне со Путин во Унгарија за разговори за Украина по „многу продуктивниот“ телефонски разговор

16/10/2025  20:34

Американскиот претседател Доналд Трамп попладнево објави дека го завршил телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, на кој, меѓу другото, се разговарало за состанок меѓу двајцата претседатели во Будимпешта, Унгарија каде би се дискутирале можностите за крај на војната меѓу Русија и Украина.

-Се согласивме дека следната недела ќе има состанок на нашите советници на високо ниво. Првичните состаноци на Соединетите Американски Држави ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со разни други лица, кои ќе бидат одредени. Локацијата на состанокот треба да се одреди. Потоа, претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорена локација, Будимпешта, Унгарија, за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа „неславна“ војна меѓу Русија и Украина, напиша Трамп на „Truth Social“.

Американскиот претседател додаде дека утре ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба, каде што ќе разговара за неговиот разговор со Путин.

-Верувам дека е постигнат голем напредок со денешниот телефонски разговор, објави Трамп, додавајќи дека разговорот со рускиот претседател бил „многу продуктивен“.

„Претседателот Путин ни честиташе мене и на Соединетите Американски Држави за Големото достигнување на мирот на Блискиот Исток, нешто за кое, рече тој, се сонува со векови“, посочи Трамп.

-Всушност, верувам дека Успехот на Блискиот Исток ќе ни помогне во нашите преговори за постигнување крај на војната со Русија/Украина. Претседателот Путин ѝ се заблагодари на првата дама, Меланија, за нејзината вклученост во грижата за децата. Тој беше многу благодарен и рече дека ова ќе продолжи, се наведува во објавата на американскиот претседател.