Skip to main content
Свет

Трамп тврди дека Кока-Кола се „согласила“ да го замени шеќерот во американската Кока-Кола

17/07/2025  08:37

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека гигантот за пијалаци Кока-Кола се согласил да го замени сирупот од пченка со висока фруктоза со вистински шеќер од шеќерна трска во својот главен американски безалкохолен пијалак Кока-Кола.

– Разговарав со Кока-Кола за користење вистински шеќер од шеќерна трска во Кока-Кола во САД, и тие се согласија да го направат тоа, напиша Трамп на својата платформа Трут Соушл.

– Би сакал да им се заблагодарам на сите надлежни во Кока-Кола. Ова ќе биде многу добар потег од нивна страна – ќе видите. Едноставно е подобро!, додаде тој.

Кока-Кола во изјава му се заблагодари на Трамп за неговиот „ентузијазам за иконскиот бренд Кока-Кола“ и рече дека наскоро ќе сподели „повеќе детали за нови иновативни понуди во асортиманот на производи на Кока-Кола“, без да потврди каква било промена во состојките.

Во неколку земји, вклучувајќи ги Мексико и Австралија, Кока-Кола се произведува со шеќер од трска, за разлика од американската верзија, која користи поевтин и потраен сируп од пченка со висока фруктоза.

Самиот Трамп е познат како љубител на Диетална Кола (Diet Coke), верзија на пијалакот без шеќер со вештачки засладувачи.

Акциите на компанијата Archer-Daniels-Midland, главен производител на пченкарен сируп, паднаа за околу шест проценти во тргувањето по работно време во САД по објавата на Трамп.