Skip to main content
Свет

Трамп стопира напади врз Иран две недели

08/04/2026  01:05

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се согласи да ги суспендира нападите врз Иран во период од две недели, под услов Техеран да го отвори Ормутскиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.

Одлуката доаѓа помалку од два часа пред истекот на рокот што самиот Трамп го постави, а за кој претходно предупреди дека може да доведе до катастрофални последици.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп посочи дека по разговорите со пакистанскиот премиер Шахбаз Шериф, постигнат е договор за привремена суспензија на нападите.

„Се согласивме да го суспендираме бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“, напиша Трамп, додавајќи дека услов за тоа е „целосно, итно и безбедно отворање на Ормутскиот теснец“.

Тој откри дека Иран доставил предлог со десет точки, кој, според него, претставува солидна основа за почеток на преговори.

„Речиси сите спорни прашања од минатото се веќе договорени“, тврди Трамп, без да наведе дополнителни детали.

Овој потег се оценува како обид за деескалација на тензиите на Блискиот Исток, додека светската јавност внимателно ги следи наредните чекори на двете страни.