Skip to main content
Свет

Трамп: Се враќаме на пластичните сламки, пластиката нема да има големо влијание врз ајкулите

11/02/2025  08:10

Претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која сака да ги охрабри американската влада и потрошувачите да купуваат пластични сламки.

„Ги враќаме пластичните сламки“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа додека ја потпишуваше наредбата.

Претходникот на Трамп, демократот Џо Бајден, предложи еколошки мерки за намалување на потрошувачката на пластика за еднократна употреба, поставувајќи цел да се елиминираат пластичните прибори, вклучително и сламките, од владините служби и федералните агенции до 2035 година.

Но, Трамп сега ги забранува хартиените сламки, тврдејќи дека тие „не работат“ и се несигурни и повикува на враќање на пластичните алтернативи.

„Ги користев многу пати и понекогаш се кршат. Тие експлодираат. Ако нешто е жешко, не траат долго – понекогаш само неколку минути, дури и секунди. Тоа е смешна ситуација, затоа се враќаме на пластичните сламки“, додаде тој.

Трамп ја минимизираше загриженоста за животната средина, велејќи: „Мислам дека пластиката нема премногу да влијае на ајкулата додека таа поминува низ океанот џвакајќи сè пред неа“.

Противењето на Трамп за хартиените сламки датира од 2019 година, кога лансираше сопствен бренд на пластични сламки. „Мислам дека имаме поголеми проблеми од пластичните сламки“, рече тогаш Трамп. „Имате мала сламка, но што е со чиниите, обвивките и сè друго, што е многу поголемо и направено од истиот материјал?“

Наредбата ги менува напорите на поранешниот претседател Џо Бајден целосно да ја елиминира пластиката за еднократна употреба, вклучително и пластичните сламки, во федералната администрација до 2035 година. Оваа мерка беше дел од извршната наредба на Бајден за поттикнување на индустријата за чиста енергија и одржливост преку федералните операции.