
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп се соочува со клучна одлука дали да ја спроведе својата закана за уништување на иранската инфраструктура или да го продолжи рокот за да им даде уште една шанса на разговорите, објави Аксиос.
Трамп се закани дека ќе уништи мостови и електрани низ Иран, што би можело да има сериозни последици за цивилите и да предизвика одмазда во регионот.
Во исто време, медијаторите од Пакистан, Египет и Турција се обидуваат да спречат ескалација и да помогнат во постигнувањето договор или барем да го одложат рокот за евентуален напад.
Висок функционер на администрацијата изјави за Аксиос дека Трамп би можел да ја одложи одлуката ако види напредок во разговорите, но дека конечната одлука зависи од него.
Сепак, претставници на одбраната изразија сомнежи дека ќе се направи продолжување.
Според извори запознаени со дискусиите, Трамп во последните денови разговарал за плановите за напад на иранските мостови и електрани, нарекувајќи ја евентуалната операција „Ден на инфраструктурата“.
Неговиот преговарачки тим, во кој се вклучени американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и пратениците Стив Виткоф и Џаред Кушнер, верува дека треба да се постигне договор додека сè уште има време.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, лидерите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, како и сенаторот Линдзи Греам, го повикаа Вашингтон да не се согласува на прекин на огнот без значајни отстапки од Техеран, како што се повторно отворање на Ормуската Теснина или откажување од високо збогатен ураниум.
Иран оттогаш достави одговор од 10 точки на мировните предлози, кои еден американски функционер ги опиша како „максималистички“, но Белата куќа го протолкува како преговарачка тактика, а не како целосно отфрлање.
Медијаторите предупредија дека процесот на донесување одлуки во Иран е бавен и дека можеби е потребен понатамошен напредок.
Трамп на прес-конференција изјави дека „целата земја може да биде уништена преку ноќ“, но додаде дека преговорите сè уште напредуваат и дека другата страна покажува подготвеност за разговор.
Според изворите, план за заедничка американско-израелска кампања за бомбардирање на иранските енергетски објекти е веќе подготвен и би можел да се спроведе доколку американскиот претседател даде наредба.

