Skip to main content
Свет

Трамп: САД и Кина заедно ќе работат за завршување на војната во Украина

30/10/2025  12:54

Вашингтон и Пекинг ќе соработуваат за да се заврши војната на Русија во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп по денешната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја, јави ДПА.

– Долго време разговаравме за тоа и двајцата ќе соработуваме за да видиме дали можеме да постигнеме нешто – им рече Трамп на новинарите на летот назад кон Вашингтон.

Според Трамп, двајцата лидери се согласиле дека Русија и Украина се „заглавени“ во ќор-сокак.

– Но, тој ќе ни помогне и ние ќе соработуваме за Украина“, рече тој, имајќи го предвид кинескиот претседател – пренесе ДПА.

Пред состанокот, имаше шпекулации дека Трамп ќе ја повика Кина да го запре или намали увозот на нафта од Русија, клучен извор на приходи за воените напори на Москва. Но, Трамп рече дека прашањето за руската нафта не било дел од дискусиите, пренесе германската атенција.

Вашингтон долго време се обидува да ги намали приходите од нафта и енергија што помогнаа во финансирањето на руската воена машинерија, надевајќи се дека ќе ја принуди Москва да ја преиспита својата стратегија.