
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Фокс њуз изјави дека е можно рускиот претседател Владимир Путин делумно да ѝ помага на Иран, потенцирајќи дека оваа можност може да е последица на американската воена и политичка поддршка за Украина.
На прашање за наводите дека Москва му доставува информации на Иран за локациите на американските војници на Блискиот Исток, Трамп одговори: „Мислам дека малку им помагаат, да, претпоставувам“, објави 4news.mk
Тој објасни дека ваквиот потег може да се смета како реакција на поддршката што САД ѝ ја даваат на Украина во конфликтот со Русија. „А, веројатно мисли на тоа што ние ѝ помагаме на Украина, зарем не?“, рече американскиот претседател.
По забелешката на водителот дека САД навистина и даваат помош на Украина, Трамп додаде дека таквата логика често се гледа во меѓународната политика. „Да, и ние им помагаме и тој го гледа тоа. Знаете, Кина би кажала иста работа. Нешто како ‘тие го прават тоа, па и ние го правиме тоа, да бидеме чесни’“, изјави Трамп.
Според американскиот претседател, ваквите меѓународни односи и соработки често се движат според принципот на реципроцитет и стратегиска логика, што ја објаснува можната поддршка на Русија за Иран.


