Skip to main content
Свет

Трамп планира уште првите денови во Белата куќа да потпише стотина извршни наредби

11/01/2025  13:20

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да потпише повеќе од сто извршни наредби во првите денови од неговиот нов мандат за да ги спроведе ветените политики во кампањата поврзани со безбедноста на границите, депортациите и другите приоритети, јавија американските медиуми.

Трамп ова им го кажа на републиканските сенатори за време на приватна средба во Конгресот.

Се очекува голем дел од указите да бидат потпишани на денот на неговата инаугурација на 20 јануари. Главниот советник на Трамп, Стивен Милер, им ги претстави на сенаторите мерките што прво ќе се преземат.

Соработниците на новоизбраниот претседател подготвуваат серија извршни наредби што Трамп би можел наскоро да ги потпише а се однесуваат на широк спектар на теми: од заострување на контролите на границата меѓу САД и Мексико, до енергетските и федералните закони за работни односи, до образовните политики, политиките поврзани со родовата припадност и вакцините.

Американските медиуми забележуваат дека тоа се ветувања дадени за време на неговата изборна кампања.

Сенаторите информирани од Трамп и неговиот тим очекуваат новата администрација да повлече многу од извршните наредби на администрацијата на Бајден.