
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не очекува нови избори во Венецуела во следните 30 дена, јави ДПА.
„Прво мора да ги поправиме работите во земјата. Не можете да имате избори“, изјави тој за американската телевизија Ен-Би-Си Њуз.
„Ќе потрае некое време“, рече тој, додавајќи: „Мора да ја вратиме земјата во добра состојба“.
Владата на Венецуела продолжува да го смета Николас Мадуро, кој беше приведен од американските сили во саботата, за легитимен претседател на земјата.
Според уставот на Венецуела, во случај на трајно отсуство на претседателот, потпретседателот ја презема функцијата и мора да организира нови избори во рок од 30 дена, потсетува германската агенција.
Останува нејасно дали новото раководство ја смета моменталната ситуација за трајно отсуство.
Делси Родригез, која од 2018 година е беше потпретседателка на Мадуро, вчера положи заклетва како вршител на должноста претседател. Врховниот суд за време на викендот и одобри привремено да ги преземе должностите на шефот на државата, потсетува ДПА.
Американските сили во текот на викендот нападнаа цели во Венецуела и ги заробија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Тие во неделата беа донесени во Њујорк, каде вчера Мадуро го имаше првото соочување пред судот по обвиненијата поврзани со дрога.
