Skip to main content
Свет

Трамп ќе прогласи вонредна состојба на јужната граница и само два пола – машки и женски

20/01/2025  20:01

Новиот американски претседател Доналд Трамп на положувањето заклетва рече дека ќе потпише „низа историски одлуки“, кои ќе покренат „револуција на здравиот разум“.

Тој најави дека првата од неговите извршни наредби ќе биде прогласување вонредна состојба на јужната граница.

„Нелегалното влегување ќе биде запрено и ќе почнеме да враќаме милиони криминалци таму од каде што дошле.“

Тој рече дека ќе испрати војници на јужната граница за да спречи „катастрофалната инвазија на нашата земја“.

Тој најави дека и наркокартелите ќе ги прогласи за странски терористички организации.

Трамп рече дека од денеска официјалната политика на американската влада ќе биде да има само два пола – машки и женски.

„Ќе ги запрам мерките со кои прашањето за полот и расата се вплеткуваат во секоја пора на општеството. Ќе се бориме за општество што не гледа боја на кожата и кое ќе биде засновано на заслуги.“

Тој рече дека ќе нареди Мексиканскиот залив да се преименува во „Заливот на Америка“ и дека планината Денали на Алјаска повторно ќе се нарекува планина Мекинли, по 25-тиот американски претседател Вилијам Мекинли, кој е роден во Охајо и убиен во почетокот на неговиот втор мандат.

Трамп најави дека САД ќе ја вратат контролата врз Панамскиот канал.

„Кина го контролира Панамскиот канал, а ние не им го дадовме ним, туку на Панама. Сега го враќаме“.

Трамп, исто така, рече дека „инфлациската криза е предизвикана од масовната прекумерна потрошувачка и ескалацијата на цените на енергијата“ и најави дека ќе му наложи на својот кабинет да ги искористи „огромните овластувања со кои располага“ за да ги намали цените на стоките.