Skip to main content
Свет

Трамп ќе беше осуден да не победеше на изборите, се наведува во извештај на Министерството за правда до Конгресот

14/01/2025  11:00

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе беше осуден за незаконски обид за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година, доколку не беше реизбран во 2024 година, се наведува во извештајот на Министерството за правда до Конгресот, пренесува Би-Би-Си.

„Прифатените докази беа доволни за да се осуди“, се наведува во извештајот на специјалниот обвинител Џек Смит.

Трамп остро реагираше на објавувањето на извештајот, нарекувајќи го Смит „луд“, а неговите наоди „лажни“.

Документот од 137 страници беше испратен до Конгресот откако судијката Ејлин Канон го одобри објавувањето на првиот дел од извештајот на Смит за мешање во изборите. Таа најави сослушување подоцна во текот на неделата за да се одлучи за објавување на вториот дел, кој се однесува на наводното незаконско задржување на доверливи документи од страна на Трамп.

Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе оставка минатата недела, завршувајќи ги истрагите според правилата на Министерството за правда кои забрануваат гонење на актуелниот претседател.

Смит беше назначен во 2022 година да ги надгледува истрагите кои вклучуваат потенцијален конфликт на интереси. Трамп беше обвинет дека незаконски чувал доверливи документи во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида и за обид да ги поништи изборните резултати во 2020 година.

И двете истраги доведоа до кривични пријави, но Трамп се изјасни за невин и ги окарактеризира обвиненијата како политички мотивирани.

Смит ги затвори предметите по реизборот на Трамп, наведувајќи дека „Уставот забранува кривично гонење на претседателот, без оглед на тежината на обвиненијата или силата на доказите“.