
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од јапонската премиерка Санае Такаичи да не го ескалира понатаму дипломатскиот спор со Кина, јавија американски медиуми, повикувајќи се на јапонски владини извори.
Такаичи предизвика најголем дипломатски судир со Пекинг во последните години, откако овој месец изјави во Парламентот дека хипотетички кинески напад врз Тајван, кој би ја загрозил Јапонија, би можел да биде оправдување за воен одговор.
Изјавата предизвика остри реакции од кинеските власти, кои им препорачаа на своите граѓани да избегнуваат патувања во Јапонија.
Во телефонски разговор со Такаичи во вторникот, Трамп истакнал дека не сака да биде сведок на нова ескалација меѓу Токио и Пекинг, велат изворите, пренесува БТА.
На денешната редовна прес-конференција, главниот секретар на владата, Минору Кихара, одби да открие детали од „дипломатскиот разговор“.
Разговорот меѓу Трамп и Такаичи уследи по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател и кинескиот лидер Си Џинпинг, кој, според Синхуа, му порачал дека „повторното обединување со Тајван“ е клучна цел во визијата на Пекинг за светскиот поредок.
Тајван, кој има демократска власт, ги отфрла територијалните претензии на Пекинг.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за одбрана денеска соопшти дека Јапонија ќе плати „болна цена“ доколку ја „премине линијата“ во врска со Тајван.
– Народноослободителната армија располага со моќни капацитети да порази секој непријател што би започнал инвазија. Ако Јапонија се осмели да зачекори преку линијата, дури и за половина чекор, самата ќе си создаде проблеми и неизбежно ќе плати болна цена, изјави портпаролот Џијанг Бин.
