
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека сака „трајно да ја запре миграцијата“ од посиромашните земји и вети дека ќе се обиде да протера милиони имигранти од САД.
Во објава на мрежата „Truth Social“, Трамп рече дека сака „целосно да го растовари“ американскиот систем, но не прецизираше кои земји ќе бидат опфатени со тоа ограничување.
Трамп изјави дека ќе ги прекине „милионските“ приеми од времето на администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден и дека ќе ги отстрани сите кои, како што изјави, „не е нето вредност за САД или не се способни да ја сакаат земјата“.
Планот вклучува укинување на федералните субвенции за странски државјани, одземање на државјанството од оние за кои тврди дека „го нарушуваат домашниот мир“ и депортирање на странци кои ги опишува како „јавен товар, безбедносен ризик или некомпатибилни со западната цивилизација“.
Ова е најострата изјава на Трамп за мигрантите откако тој повторно стана претседател во јануари оваа година, а повод е нападот врз припадници на Националната гарда на САД во Вашингтон пред два дена.
Двајца гардисти беа застрелани од авганистанскиот државјанин Рахманула Лаканвал, една гардистка им подлегна на повредите, а другиот гардист сè уште е во критична состојба.
На видео снимката од нападот што ја прегледале истражителите, се гледа како Лаканвал пука во гардистите, соопшти локалната полиција.
Полицијата додава дека Лаканвал веднаш бил приведен, како и дека веруваат дека тој бил единствениот напаѓач.
Лаканвал исто така бил ранет при апсењето, но неговите повреди не се опасни по живот.

