Skip to main content
Свет

Трамп и Зеленски со пораки за мир

18/08/2025  22:46

Во Белата куќа вечерва (според средноевропско време) се одржа средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски. Двајцата лидери, по пречекот во Западното крило, одговараа на прашања во Овалната соба, каде што доминираше значително поколегијална атмосфера во споредба со нивната претходна средба во февруари годинава.

Трамп изјави дека е постигнат „значителен напредок“ во напорите за ставање крај на војната во Украина, но не откри детали. Тој потенцираше дека секој договор за мир мора да биде одржлив, додавајќи дека поддршката за Украина од страна на САД останува непроменета.

Американскиот претседател не ја исклучи можноста за испраќање американски војници во Украина во рамките на мировни гаранции, иако нагласи дека Европа треба да има главна улога во тој процес. „Ќе има многу помош,“ рече Трамп.

Украинскиот претседател Зеленски ја нагласи важноста од дипломатски пат и поддржа иницијатива за трилатерален самит меѓу него, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Тој побара дополнителна воена поддршка, вклучително и системи за воздушна одбрана „Патриот“, нагласувајќи дека Киев секојдневно трпи руски напади.

„Мора да ја запреме оваа војна и потребна ни е поддршка од американските и европските партнери,“ изјави Зеленски.

Трамп, пак, рече дека постои „разумна шанса“ за трилатерална средба, а по денешните состаноци најави телефонски разговор со Путин, на кој ќе ја презентира идејата. „Можеби ќе имаме трилатерална средба, можеби и не. Ако има, постојат добри шанси да заврши војната,“ изјави американскиот претседател.

Покрај Зеленски, во Белата куќа денеска пристигнаа и европските лидери – генералниот секретар на НАТО Марк Руте, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, италијанската премиерка Џорџија Мелони, финскиот претседател Александар Стаб, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.

Средбата доаѓа по неодамнешниот состанок меѓу Трамп и Путин во Алјаска, кој беше оценет како „голем напредок“, иако без договор за прекин на огнот.