
Американски претседател Доналд Трамп побара истрага за наводната употреба на т.н. „автопен“ од страна на Џо Бајден во последните денови од неговиот мандат. На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече користењето на автопенот од страна на Бајден „најголем политички скандал во историјата на САД“.
Тој тврди дека предвремените помилувања што Бајден ги потпишал биле неважечки бидејќи биле потпишани со помош на автоматизирана машина – автопен. Притоа Трамп игнорира дека оваа технологија се користи во американската администрација уште од 19. век.
Автопенот, познат и како роботско пенкало, е уред што автоматски го имитира рачниот потпис на личност со вистинско пенкало или друг инструмент. За разлика од скенираниот потпис, оваа машина реално го пишува потписот, и може да се користи за потпишување голем број документи, писма, сертификати и дипломи.
Моделот Ghostwriter, на пример, користи паметна картичка или USB за да зачува потписи и фрази кои потоа може да се репродуцираат. Овој уред може да пишува со различни инструменти – од хемиско пенкало до боички – и на различни видови хартија и материјали.
Некои веб-страници што продаваат вакви уреди наведуваат дека моделите што ги користи владата чинат меѓу 5.000 и 20.000 долари.
Историски гледано, автопенот е донесен во Овалната соба од претседателот Томас Џеферсон уште во 1803 година. Оттогаш, бројни претседатели го користеле уредот. Линдон Б. Џонсон дури дозволил и медиумите да го фотографираат уредот, а списанието The National Enquirer објавило статија со наслов „Роботот што го заменува претседателот“.
Автопенот го користеле и Џералд Форд, Џорџ В. Буш, па дури и самиот Доналд Трамп, кој неодамна призна дека го користел – но, како што рече, само за „неважни документи“.
Во 2005 година, Џорџ В. Буш побара мислење од Министерството за правда дали е уставно да користи автопен. Одговорот беше јасен: претседателот не мора лично и рачно да потпише документ за истиот да стане закон.
И покрај ова, Трамп ја покренува иницијативата за истрага, надевајќи се дека ќе ги поништи помилувањата што Бајден ги дал на политички противници на актуелниот претседател.