Skip to main content
Магазин

Трајковски: Шести ден на тагата „Последниот разговор со тебе ќе остане во моето срце засекогаш“

23/03/2025  15:31

Популарниот хармоникаш Мишел Трајковски се огласи на социјалните мрежи со најтешката и најдолга објава на Фејсбук што, како што самиот вели, ја напишал. Музичарот, кој е познат по својата искрена и емотивна врска со музиката и пријателите, сподели тагувачки спомен за еден од неговите најблиски соработници и пријатели.

„Шести ден.. станувам сабајле, пишувам нешто, па предомислувам, прикачувам слика, натажувам се… па фрлам телефонот во некој ќош, и така цела недела. Два дена пред тој кобен ден, ете го на телефон… Насмеан, позитивен, во негов стил со полна енергија ме викна да се видиме за настанот на кој требаше да настапиме заедно сега во април“, пишува Трајковски.

Хармоникашот се присетува на своите спомени со неговиот пријател и колега, кој и покрај долгата кариера и огромната музичка енергија, секогаш бил исклучително возбуден и среќен пред секој настап, како да е тоа неговиот прв.

„Отсекогаш се прашував, како е можно таков артист како него, и по 20 и кусур години на сцена, да биде толку возбуден и неизмерно среќен пред секој настап. Тоа беше човек кој се радуваше на секоја нова песна како да е прва. И затоа беа, и ќе останат на врвот уште долго“, пишува Трајковски.

Тој исто така дели детали од нивните заеднички разговори, анализирајќи композиции од најголемите имиња на музичката сцена, од Шабан Бајрамовиќ, Пако де Лусиа, Ричард Галиано, до Бени Гудман и Џанго Рајнхард. Трајковски истакнува дека неговиот пријател особено ја обожавал хармониката и уживал во секоја отсвирена нота.

„Почивај во мир… А свирката ќе ја оставиме за некоја наредна прилика“, завршува емотивно својата објава Мишел Трајковски.