Skip to main content
Македонија

Трајановски: Државата не е подготвена за укинување на техничката влада

16/01/2026  11:02

Потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Александар Трајановски, во вчерашното гостување на телевизија Алсат, нагласи дека лидерската средба, чија главна цел била укинување на техничката влада, не претставува вистински дијалог и дека СДСМ нема намера да биде алиби на однапред подготвените сценарија на власта.

„Апсолутно немаме намера да даваме легитимитет и алиби на владејачката партија за нивните сценарија и укинување на техничката влада. Затоа и одлучивме да не учествуваме на таа лидерска средба, што по завршувањето на средбата се покажа како правилна одлука”, рече Трајановски.

Во однос на укинувањето на техничката влада, тој предупреди дека државата не е подготвена за таков чекор и дека власта не е демократски зрела, имајќи ги предвид искуствата од последните локални изборни процеси.

„За локалните избори знаевме какви притисоци се вршеа, особено во вториот круг, најмногу преку Министерството за внатрешни работи, особено во малите локални средини. Зар мислите дека сме зрели да ја тргнеме на страна техничката влада?”, рече Трајановски.

Притоа, Трајановски потсети дека техничката влада е донесена со широк политички консензус и со поддршка од Европската Унија, со цел да се обезбедат регуларни избори.

„Целта беше да се тргнат канџите од Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство – местата каде што се врши најголем притисок врз граѓаните, дали е тоа преку социјални трансфери, преку субвенции за земјоделството, и знаеме сите како преку МВР”, истакна Трајановски, додавајќи дека СДСМ останува цврсто на тој став и нема да отстапи.

Во интервјуто, Трајановски посочи дека укинувањето на техничката влада, иако формално возможно поради постоењето парламентарно мнозинство, претставува директен удар врз демократијата.

„Тоа е апсолутно некоректно и владејачката партија го има докажано тоа во неколку наврати. Ова е директен удар врз демократијата, исто како и резолуцијата за замолчување на опозицијата во Собранието”, рече Трајановски.