Skip to main content
Скопје

Трајановски: 4 години на Митески и Муцунски во Аеродром се години на разочарувања и нула исполнети ветувања 

24/08/2025  13:39

Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на општина Аеродром Александар Трајановски

Почитувани граѓани,

Четирите години на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески и Тимчо Муцунски во Аеродром – се години на разочарувања, незаинтересираност и нула исполнети ветувања.

И Тимчо Муцунски кој наследи полна општинска каса, и сегашниот градоначалник Дејан Митески пред 4 години ветуваа сѐ и сѐшто – од „хумана урбанизација” на Аеродром до 100.000 метри квадратни ново зеленило, 3.000 нови паркинг места, 4 нови градинки, таблет за секое дете и смарт табли во секој училница.

По 4 години граѓаните го добија спротивното – запуштена општина, паркови обраснати со треви, ѓубре, ниту метар ново зеленило, проекти кои се во фаза на подготовка на документација или почетна фаза.

Наместо локална власт што ќе работи за граѓаните, ја претворија општината во продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту едно од клучните ветувања не е исполнето.

Ветија 4 нови градинки во Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче – реализација нема, ниту една од овие градинки не е изградена. Го нема ни ветеното зголемување на помошта за новороденче од 8.000 на 20.000 денари. Младите семејства се оставени сами да се снаоѓаат за чување на нивните деца.

Ветената нова гимназија не е ни во подготовка, а надградбата на училиштата се сведува на еден објект, финансиран од Владата пред две години.

Од ветените 6 кружни текови не е изграден ниту еден. Од најавените 3000 нови паркинг места, изведени се само две мали паркиралишта. Најавениот „Вело-дром”, велосипедските патеки на секоја улица, Rent-a-bike системите останаа само пуста желба.

Зеленилото и урбаната опрема се во очајна состојба. Постоечкото зеленило не се одржува, општината се претвора во џунгла, ново зеленило – нема. Нема ништо ниту од ветената заштита на животната средина – ниту еден ветен „смарт парк”, ниту една смарт клупа или мерна станица за загадување. Ветувањата за паркови од 100.000 м², парковите за миленици, забавни паркови останаа само празни зборови во програма.

Се ветуваше гасификација, еко-полиција, целосно завршување на легализацијата во првите 2 години. Сето тоа се заборави веднаш по изборната кампања. 

Наместо чесна и посветена локална власт, граѓаните добија празни зборови, неисполнети ветувања и политичка ароганција.

Време е за промена. Време е чесност и работа во интерес на граѓаните. Аеродром заслужува повеќе. Заслужува локална власт што ги знае потребите на граѓаните, што е меѓу нив, што слуша, што одговара и што не бега од одговорност.

Аеродром може и мора да биде модерна, зелена и функционална општина. Аеродром е нашиот заеднички дом.