Skip to main content
Свет

Трагедија во Њујорк: Хеликоптер со семејство од Шпанија се урна во Хадсон – сите загинаа

10/04/2025  22:26

Тешка авионска несреќа се случи вечерва во Њујорк, кога хеликоптер се урна во реката Хадсон, во близина на западниот брег на Менхетен. Според информациите што ги пренесува „Еј-би-си њуз“, сите шест лица што биле во леталото загинале – пилотот, двајца возрасни и три деца.

Извори за американските медиуми велат дека жртвите биле туристи од Шпанија.

Очевидци за медиумите изјавиле дека пред несреќата се слушнале силни звуци, слични на истрели од огнено оружје, по што се забележале парчиња од леталото како паѓаат во реката. Друг сведок опишал дека хеликоптерот се спуштал под агол од 45 степени и при ударот во водата се распаднал на два дела, при што еден од пропелерите се скршил на парчиња.

Според Њујоршката полиција, како што пренесува Би-би-си, најмалку едно лице е потврдено како загинато на лице место, а две други се извлечени од реката, но нивната здравствена состојба засега не е позната.

Платформата за следење летови „Флајтрадар“ информира дека хеликоптерот бил во воздух 15 минути и полетал од хелидромот на Менхетен. Се работи за приватен хеликоптер со еден мотор и капацитет за седум патници.

Од противпожарната служба на Њујорк потврдуваат дека нивни тимови, заедно со копнени и поморски единици, се на терен и учествуваат во акцијата за спасување и истрага. Засега, официјално не е потврден точниот број на патници во моментот на несреќата.

Истрагата за причините на трагичната несреќа е во тек.