Skip to main content
Македонија

Трагедија што можела да се спречи? Соседи, мајка и дете со бројни пријави за насилство

08/04/2026  13:25

Со изведување на нови материјални докази денеска продолжи судското рочиште за случајот што ја потресе јавноста – трагичната смрт на Ивана Стојаноска и нејзината шестгодишна ќерка Катја, кои на 2 март го загубија животот скокајќи од стан во скопската населба Тафталиџе.

Во фокусот на денешното рочиште беа бројни аудиоснимки и пријави за семејно насилство, кои според обвинението укажуваат на долготраен и континуиран терор врз жртвите. Обвинетиот Стојанче Јовановски се товари за загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

Обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје, Адела Бојчевиќ, на почетокот предупреди на внимателно известување поради чувствителноста на доказите, нагласувајќи дека станува збор за исклучително вознемирувачка содржина.

Презентираните аудиоснимки откриваат низа повици до службите за итни случаи, кои укажуваат на насилство што траело со години. Во една од снимките, соседка пријавува бучава и плачење на дете, додека друг сосед сведочи дека девојчето босо побарало помош, кажувајќи дека било тепано.

Особено потресен момент беше аудиоснимката од самиот ден на трагедијата. Ивана, видно вознемирена, се јавува во полиција барајќи помош.

„Сакам да пријавам насилство од сопругот… ве молам дојдете побрзо“, се слуша во повикот, направен само два часа пред трагичниот чин.

Во судницата беше пуштен и повикот на обвинетиот до Брза помош, во кој тој пријавува дека „жена со мало дете се фрлила“, барајќи итна интервенција.

Дополнителни докази покажуваат дека жртвата и претходно повеќепати барала помош. Во еден случај, пријавила дека сопругот не ѝ дозволува да влезе во сопствениот стан, а во друг – дека во домот се чува дрога. Повиците, според обвинителството, сведочат за постојана состојба на страв и закани.

Сведоштва за насилството доаѓаат и од најблиските. Мајката на Ивана пријавила дека нејзината ќерка е жртва на физичко насилство, додека очевидци сведочеле за тепање пред дете на јавни места.

Еден од највознемирувачките докази беше повикот на мајката на обвинетиот, во кој се слуша плачот на малата Катја.

„Ќе ја убие мама“, вреска детето во позадина, додека бабата пријавува обид за убиство.

Во текот на рочиштето беа презентирани и контрадикторни пријави, меѓу кои и онаа од самиот обвинет, кој ја пријавувал сопругата за насилство, што дополнително ја усложнува сликата за семејните односи.

Судењето продолжи со тензии во судницата, при што обвинетиот реагираше на дел од доказите, но судот го опомена дека постапката мора да продолжи без прекини.

Случајот отвора сериозни прашања за институционалниот одговор на пријавите за семејно насилство, имајќи предвид дека, според сведочењата, и покрај бројните аларми, трагедијата не била спречена.