
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува поддршка од пратениците за измените на Законот за прекршоци и Кривичниот законик, последните од пакетот законски измени потребни за официјална примена на системот „Безбеден град“, кој од почетокот на месецот е во пробна функција.
– За измените на Законот за прекршоци, којшто е во втора фаза во Собранието потребно е двотретинско мнозинство, а за Кривичниот законик просто мнозинство. Се надевам дека сериозноста на ова ќе биде препознаена од сите пратеници и ќе дадат поддршка за да може да почне примена на овој круцијален проект, рече Тошковски.
Тој потврди дека стартот на системот ќе се пролонгира доколку Законот за прекршоци не добие поддршка.
– Верувам дека овој закон би требало да го поддржат сите пратеници. Целта е спасување на човечки животи, истакна министерот.
Во пробниот период од 15 дена, според него, граѓаните покажале дека можат поинаку да учествуваат во регулирањето на сообраќајот. На Клиниката за трауматологија е намален бројот на пациенти со тешки телесни повреди за 20 проценти, а донесените пациенти се намалени за 15–20 проценти. Тошковски уверува дека техничките проблеми ќе бидат надминати до 1 февруари и најави дека со подзаконски ќе се утврди дозволеното пречекорување на брзината, како и локациите на камери, за да се намали бројот на жртви и повредени.
– Се ревидираат и знаците. Секаде каде има камера за констатирање на зголемена брзина задолжително ќе биде ревидиран знакот согласно важечки сообраќаен проект, рече Тошковски.
Тој информираше дека видео записите ќе се чуваат согласно законите, а граѓаните ќе добиваат информации за прекршоците преку нова апликација на МВР.


