Skip to main content
Македонија

Тошковски за Фросина: Ова не е само несреќа, ова е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите

31/01/2025  13:54

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се огласи откако пред два дена згасна животот на младата девојка во Неготино, 22 годишната Фросина Кулакова.

Во објавата вели дека како министер за внатрешни работи, но пред сè како човек и како татко, не може, а да не ја сподели вознемиреноста и револтот што деновиве го чувствуваат сите.

-Фросина Кулакова, млада девојка со светла иднина, повеќе ја нема, затоа што нејзиниот живот беше одземен од некој што никогаш не смеел да биде зад воланот. Ова не е само несреќа, ова е резултат на пропусти во системот што дозволува рецидивистите да останат надвор од контролата на институциите.

Јавноста со право прашува, како е можно лице кое е криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот? Ова не се само дилеми за дискусија, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.

МВР во овој случај максимално брзо и ефикасно го процесираше сторителот, тој е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази. Но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам.

Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?

Годишно, повеќе од 140 луѓе ги губат животите во сообраќајни несреќи во нашата држава. Оваа бројка е неприфатлива и мора да нè натера на суштински промени.
Наша обврска како држава е да спречиме вакви трагедии. Затоа, напорно работиме на што поскоро ставање во функција на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско санкционирање на сообраќајните прекршувања, без селективна правда, без оправдувања, без влијание на човечки фактор. Контролата ќе биде построга, казните неизбежни. Но, ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите.

Гневот е разбирлив, недовербата во институциите е оправдана, но ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.

Искрено сочувство до семејството на Фросина, пишува министерот за внатрешни работи.