Skip to main content
Македонија

Тошковски во Турција на средба со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, потврдена одличната соработка меѓу братските народи

19/12/2024  08:56

Министерот Панче Тошковски кој предводи официјална делегација на Министерството за внатрешни работи во Република Турција, вчера оствари работна средба со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

На средбата беше изразена благодарност за топлиот прием и уште еднаш беше потврдена одличната соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи како и на државно ниво и беше потврден фактот дека се работи за два братски народи кои делат меѓусебна почит, историја и традиција.

На средбата министрите ја разгледаа состојбата со илегалната миграција и криумчарењето мигранти како и општата соработка меѓу министерствата и брзата и ефикасна размена на информации со цел борба со сите видови криминал, корупција и тероризам.

На иницијатива на турската страна се разгледуваше информација за постапка за стекнување на македонско државјанство на граѓани на Република Турција.

Двајцата министри разгледаа и неколку документи на кои ќе се дефинира и понатамошната идна соработка како нацрт текст на договор меѓу владите на Македонија и Турција за заемно признавање и замена на возачките дозволи, договор за безбедносна соработка меѓу двете влади и нацрт текст на меморандум за соработка во областа на обуки со кои полициски службеници од двете држави ќе можат да добиваат континуирана обука и искуства со цел унапредување на своите професионални знаења и вештини.