Skip to main content
Македонија

Тошковски: Успешен старт на „Безбеден град”, мал број на прекршоци

01/02/2026  21:40

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на компјутерскиот центар на „Безбеден град” во СВР Скопје каде денеска и официјално стартуваше проектот „Безбеден град” за евиденција на прекршоците во сообраќајот.

Тошковски сведочеше за успешниот старт на проектот, дека одвива според планираните параметри и граѓаните како што се и очекуваше во огромен број ги почитуваат сообраќајните правила.

„Денес сме први февруари, некаде околу 20 часот. Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба од пред два месеци кога започнавме со тест периодот. Имаме од прилика околу петстотини сообраќајни прекршоци коишто се констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи Вие сте тие коишто овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120.000 на 500 прекршоци. Вие сте тие којшто го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгодни некаде околу 35% на територија на СВР Скопје и Вие сте тие којшто го намаливте бројот на смртни случаи настанати во рамки на сообраќајни незгоди од 11 на 4.”, потенцираше министерот Тошковски при посетата.

Министерот за внатрешни работи уште еднаш посочи дека со имплементирањето на овој проект и неговото официјално пуштање во употреба, за неколку часа покажуваме дека сме можеле европските вредности да ги имплементираме во Македонија и сме можеле да покажеме еден поинаков пристап, за разлика од претходно.

Тој уште еднаш од се срце упати честитки до македонските граѓани за почитувањето на сообраќајните правила и изрази сигурност дека во иднина со вакво однесување и со ваков начин на однос кон својата држава, ќе покажеме дека навистина ги имплементираме оние европски вредности коишто ги заслужуваат македонските граѓани.