
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за МРТВ изјави дека лично се сретнал со дел од родителите на жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но нагласи дека не сака таквите средби да се користат за личен или медиумски пи-ар.

– Тоа што можам и сум должен да го сторам како министер, ќе го сторам, но нема да профитирам медиумски од болката на луѓето – изјави Тошковски, откривајќи дека бил во Кочани и имал повеќе конструктивни разговори со родителите на настраданите.
Во однос на истрагата за пожарот во дискотеката, што на 16 март одзеде 62 животи и повреди над 200 лица, Тошковски рече дека формално е завршен делот што го води Основното јавно обвинителство – Кочани, но посочи дека тоа не значи крај на целокупната истрага.
– Не е точно дека истрагата е завршена. Обвинителството за организиран криминал и натаму води активна истрага. Ако се појават нови докази, таа ќе продолжи – потенцираше министерот.
Тој ја обвини опозицијата за манипулации и дезинформации, особено во делот за тоа дека не се опфатени актуелни функционери.
– Осомничен е актуелен министер, актуелен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и актуелен градоначалник. Не е точно дека сè се сведува само на поранешни функционери – рече Тошковски, додавајќи дека се преземени и мерки против полициски функционери кои биле на дежурство вечерта на трагедијата.
Министерот истакна дека има огромен број докази за многу лица, за „дејствија и недејствија“, и најави дека институциите ќе продолжат со постапките без политички калкулации.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ останува една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата, која ја потресе јавноста и отвори серија прашања за безбедносните протоколи, институционалната одговорност и капацитетите за справување со вакви катастрофи.