Skip to main content
Македонија

Тошковски предупреди: „Сејф Сити“ ќе казнува и на зелено – 45 евра ако ја блокирате раскрсницата

19/02/2026  23:28

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 појасни дел од дилемите поврзани со функционирањето на системот „Сејф Сити“, особено во ситуации кога возило поминува на зелено светло, но поради сообраќаен метеж останува заглавено на сред крстосница.

Тошковски објасни дека ваквите случаи ќе се третираат како сообраќаен прекршок, но нема да се сметаат за поминување на црвено светло, туку како забавување или отежнување на сообраќајот во рамки на крстосница.

„Тој сообраќаен прекршок има друг третман, нема да има третман како поминување на црвено, туку како забавување или отежнување на движењето во рамки на крстосница, кој е посебно дефиниран. Мислам дека казната е 45 евра“, изјави Тошковски.

Според него, возачите ќе мора однапред да направат проценка дали сообраќајот ќе се закочи пред да влезат во крстосницата, дури и кога семафорот покажува зелено светло.

Министерот посочи дека во тест-периодот имало ситуации кога камерите ги евидентирале возачите како да поминале на црвено, иако тие влегле на зелено светло, но системот бил прилагоден и ваквите случаи повеќе нема да се третираат како таков прекршок.

„Тоа го отстранивме и прекршокот нема да биде констатиран како поминување на црвено, туку како ‘угушување’ на крстосница“, додаде Тошковски.