Skip to main content
Македонија

Тошковски: Пожарите можеби се дел од поинакво сценарио, истрагите за подметнувања се во тек

09/07/2025  20:37

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека денеска бил тежок ден со вкупно 20 пожари ставени под контрола, а постојат основани сомневања дека дел од нив биле подметнати.

„Се дадоа натчовечки напори. За повеќето пожари причина беа временските услови и силниот ветер, но имаме сериозни индиции дека човечки фактор стои зад нивното распламтување“, рече Тошковски во денешното обраќање по состанокот на Кризниот штаб.

Министерот посочи дека се истражуваат неколку случаи на пожари во близина на клучни инфраструктурни објекти, патишта, густо населени места и приватни објекти.

„Не сакам да шпекулирам, но можно е да се работи за поинакво сценарио од случајност“, истакна Тошковски, додавајќи дека институциите работат на терен и се надева на брзо расветлување на причините.

Како што додаде, во овој момент не може да открие детали од предистражна постапка, но многу е симптоматично тоа што откако ќе се неутрализира еден пожар, набрзо започнува втор, па започнува трет. Сите тие, како што рече Тошковски, се поврзани со клучна инфраструктира и полицијата се сомнева дека се работи за одредено сценарио кое некој сака да го постигне во Македонија,

„Спремни се да одговориме на сите предизвици. Сите што ќе се дрзнат да го загрозат животот на македонските граѓани ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече министерот.

Рече и дека вчера било затекнато едно лице како намерно пали пожар. Истото било приведено, изнесено пред судија и му е изречена најстрога мерка.

Во врска со пожарот кај приватниот отпад во Визбегово, денес се приведени сопствениците на објектот и ќе бидат изнесени пред судија.

Пожарите во Дојран, Николиќ, Паланка, Волково и Визбегово се ставени под контрола. Активиран е и механизмот за европска помош, при што Грција учествува со два канадери и два пешадиски тимови. Тошковски информира дека сите владини институции се мобилизирани.