
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека повлекувањето на пријавите од страна на жртвите останува еден од најсериозните предизвици во справувањето со семејното насилство.
Пред почетокот на тркалезната маса посветена на заштитата на жените, Тошковски нагласи дека жртвите не треба да бидат осудувани за ваквите одлуки, бидејќи најчесто се наоѓаат под силен притисок од насилникот.
Тој посочи дека е потребна поефикасна координација меѓу надлежните институции, во рамки на постојната законска регулатива, со цел да се обезбеди навремена и брза реакција во случаите на семејно насилство.
Според него, приоритет мора да биде воспоставување функционален систем кој ќе овозможи 24-часовна реакција на институциите – не само од страна на Министерството за внатрешни работи, туку и преку центрите за социјални работи, јавното обвинителство и судството.
„Потребно е да најдеме решение насилникот што побрзо да биде изолиран од домот, без разлика на сопственоста, со цел да се заштити семејството, особено децата“, изјави Тошковски.
Тој упати апел до граѓаните да пријавуваат секој сомнеж или случај на насилство, нагласувајќи дека полицијата ќе ги искористи сите расположливи механизми за спречување на трагедии и заштита на жртвите.

