Skip to main content
Македонија

Тошковски: МВР продолжува во борбата со организиран криминал, пронајдени и одземени околу 35 тони пиротехника

26/12/2025  12:55

Вчерашната оперативна акција на полицијата во која пронајдени и одземени се околу 35 тони пиротехнички средства е доказ дека Министерството за внатрешни работи решително и одлучно влезе во борба особено со организиран криминал, нагласи денеска ресорниот министер Панче Тошковски.

По промоцијата на 120 нови возила на македонската полиција во кругот на МВР, одговарајќи на новинарски прашања нагласи дека такви пратки со пиротехнички материјали биле спроведувани години наназад. Според неговите првични информации, се работело за можеби на еден од најголемите внесувачи на такви незаконити средства во државата.

– Покажуваме решителност, одлучност и постапуваме во насока на конкретниот предмет. Во текот на денот ќе бидат соопштени повеќе детали во врска со останатите дејствија кои ќе бидат превземени во соработка со Обвинителството. Во однос на сите останати оперативни активности на Министерството присутни сме на терен, превземаме соодветни дејствија во насока на одржување на безбедноста во државата, изјави Тошковски.

Тој потврди дека безбедносната состојба во државата е стабилна и оти полицијата ќе биде приустна на терен и во текот на новогодишната ноќ и празниците после Нова година, особено онаму каде што има поголема фреквенција на граѓани.

– Ќе ги превземеме сите потребни дејствија кои се во наша надлежност за да ги задоволиме потребите на граѓаните, рече Тошковски.