Skip to main content
Македонија

Тошковски: Гласањето започна на сите избирачки места, изборниот процес тече мирно и демократски

19/10/2025  10:49

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утрово го оствари своето право на глас во основното училиште „Песталоци“ во Скопје, при што изјави дека гласањето на локалните избори започнало на сите избирачки места низ државата.

-Денес е ден на демократијата. Македонските граѓани ќе можат да го остварат своето право на глас во рамки на мирни, фер и демократски избори, рече Тошковски.

Тој информираше дека гласањето е започнато на сите избирачки места, вклучително и во едно мало село во општина Прилеп каде што имало кратко доцнење.

Министерот нагласи дека над 90 проценти од капацитетите на МВР се ангажирани за обезбедување на изборниот процес, со засилено присуство на терен, особено околу „жешките точки“ каде што се очекува поголема фреквенција на граѓани.

Во врска со изборниот молк, Тошковски посочи дека вчера биле евидентирани четири настани со потенцијални прекршувања, за кои се преземаат соодветни истражни дејствија.

-Очекувам денот да продолжи во мирна и демократска атмосфера и ги повикувам сите граѓани да го искористат своето право на глас и да ја дефинираат иднината на своите локални заедници, порача министерот.