
По обвинувањата изнесени во јавноста во врска со тендерската постапка за набавка на униформи за специјалните единици, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку статус на социјалната мрежа Фејсбук упати јавна реакција, во која истакна дека постапката била спроведена транспарентно, согласно сите законски одредби, со јасна цел – обезбедување на квалитетна опрема по најповолни услови и заштита на буџетските средства.
„Во изминатите месеци, освен што бевме целосно посветени на немилосрдна борба со криминалот и корупцијата, борба која ја водиме без пардон, напорно работиме и да ги исчистиме нередот, негрижата и неправдите што беа оставени внатре во самото Министерство, токму од тие што денес најгласно нè напаѓаат“, потенцира министерот Тошковски.
Тој нагласи дека, за разлика од минатото, денеска полицијата добива нови униформи и опрема, со системски и плански пристап, а не преку импровизации и запоставеност.
„Токму сега, кога конечно го враќаме достоинството на македонската полиција – со подобри услови, нова опрема и нови униформи – тие што ги оставија полицајците без униформи, принудени сами да шијат или позајмуваат од пензионирани колеги, денес имаат образ да зборуваат за наводни криминални тендери“, реагираше Тошковски.
Во врска со тендерската постапка, министерот појаснува дека не е склучен договор за еднократна исплата, туку рамковна спогодба за период од три години, што не создава финансиска обврска туку овозможува склучување поединечни договори кога ќе се јави реална потреба.
„Разликата е клучна – не се исплаќаат средства однапред, туку само по реална нарачка и испорака, со посебен договор и обезбедена банкарска гаранција од 5%“, истакна министерот.
Тошковски реагира и на критиките поврзани со наводниот недостиг на критериуми за искуство и број на вработени кај фирмите понудувачи:
„Наша цел беше поттикнување конкуренција и добивање најдобар квалитет по најповолна цена. Премногу строги критериуми ги исклучуваат домашните мали и средни претпријатија, а тие често се најконкурентни. Законот не дозволува дискриминација врз основа на старост на фирмата, а ние постапуваме исклучиво според закон“, нагласува Тошковски.
Како клучна гаранција за квалитет, според министерот, биле задолжителните мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач морал да достави примероци кои биле тестирани од акредитирани независни лаборатории, врз основа на јавни технички спецификации утврдени со Правилник објавен во Службен весник.
„Тендерот беше транспарентен – го продолживме рокот за понуди од 32 на 55 дена, а постапката беше предмет на контрола од Бирото за јавни набавки, кое не утврди никакви неправилности“, потенцира Тошковски.
Според министерот, нападите врз постапката се дел од политички конструкции, мотивирани од стравот на поранешните властодршци од промените што се случуваат.
„Јасно е дека нападите кои се шират не се резултат на вистинска загриженост за законитоста, туку обид за дефокус и саботажа на реформите што конечно се спроведуваат со транспарентност и отчетност“, наведува Тошковски, додавајќи дека „кога СДСМ и Левица, партии со спротивставени интереси, се здружуваат во критика, тоа е најсилен доказ дека сме на прав пат“.
На крајот, министерот уверува дека МВР и натаму ќе функционира професионално, отчетно и согласно законите, со јасен фокус на ред, сигурност и доверба во институциите.