Skip to main content
Македонија

„Топлина“ од Подмоље доби тендер од 25 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола

28/03/2025  16:27

Фирмата „Топлина“ од охридското село Подмоље доби тендер во вредност од 1,44 милијарди денари (25 милиони евра) за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ во наредните 12 месеци, потврди државната компанија АД ЕСМ за „Независен“. Оваа охридска фирма претходно беше подизведувач на „Марковски компани“, која по смената на власта беше исклучена од тендерите во рударско-енергетскиот комбинат.

Финансиската рамка и критериумите на тендерот

Според информациите од ЕСМ, „Топлина“ е избрана како најповолен понудувач со цена од 49,85 денари за гигаџул ископан јаглен и 214 денари по кубен метар јаловина. Договорот ќе важи една година или до исцрпување на предвидените средства. Од ЕСМ нагласуваат дека финансиски импликации за компанијата ќе има само кога изведувачот активно ќе врши работи по налог на РЕК „Битола“.

Единствен сопственик и управител на „Топлина“ е бизнисменот Кирче Митрески. Компанијата, регистрирана во 2004 година, бележи значителен финансиски раст.

Деманти за врска со „Марковски компани“

АД ЕСМ ги негира тврдењата дека „Марковски компани“ е подизведувач на „Топлина“. Во соопштението се наведува дека компанијата пријавила четири подизведувачи: „ГД Гранит“ (Скопје), „Градба Промет“ (Кавадарци), „Илинден“ (Струга) и „Топ Билд“ (Скопје). Дополнително, како техничка поддршка се ангажирани „Форса АС“ (Скопје) и „Машинокоп“ (Кавадарци).

„Топлина“ претходно работеше како подизведувач на „Марковски компани“ за ископ на јаглен во РЕК „Битола“. Откако договорот со „Марковски компани“ беше раскинат во декември минатата година, „Топлина“ продолжи со работа како привремен оператор.

Неуспешен тендер во јануари

На 14 јануари ЕСМ објави дека изборот на нов економски оператор за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ пропаднал, откако ниту една понуда не ги исполнувала критериумите. Според Комисијата за јавни набавки, строгите барања за техничко-професионална способност ја ограничиле конкуренцијата, бидејќи операторите требало да имаат ископано најмалку 500.000 тони јаглен и три милиони кубни метри земјени маси во последните три години.

Поради ова, ЕСМ најави нов јавен повик со олеснети критериуми за да се овозможи учество на поголем број компании, но истовремено ќе бара и зголемена техничка опременост на изведувачите за да се гарантира квалитетот на услугите.

Одложувањето на новиот тендер, како што уверуваат од ЕСМ, нема да влијае на работата на привремениот изведувач „Топлина“.