
Со пораката „Системот убива – институциите молчат“, денес во Кочани се одржа шестиот протестен „Марш за ангелите“, во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“.
Иако боли молкот на институциите, денешниот марш беше исполнет со тишина – ниту еден родител не се обрати јавно. Тоа беше нивниот тивок, но јасен одговор на игнорантниот однос на надлежните, кои сè уште немаат понудено одговорност за трагедијата.
Во колоната која тргна точно во 16:05 од Паркот на Револуцијата, поддршка дадоа граѓани од целата држава, вклучително и активисти од движењето „Кој е следен?“. Учесниците, со транспаренти со пораки како „Нема трагедија, има злосторство“ и „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, го прошетаа градот низ клучните институции – Општината, Полициската станица, Судот и Обвинителството – токму оние од кои семејствата очекуваат правда.
Во чест на настраданите, особено на келнерите кои животот го загубија работејќи, се одржа и симболична трка на келнери, поддржана од неколку угостителски објекти од Кочани.
– Ова не беше натпревар, туку гест на почит. Нашите колеги беа херои – работеа со насмевка и останаа до крај. Овој марш е наш заеднички глас против молкот и неправдата, изјави Јане Гицев, организатор на трката.
Протестот заврши таму каде што започна – во Паркот на Револуцијата, каде со едноминутен молк и громогласен аплауз им беше оддадена почит на загинатите и поддршка на семејствата кои упорно ја бараат вистината.