
Свежата тиква, позната и како „роднина на дињата“, е вистински бисер на есенската трпеза. Не само што го најавува доаѓањето на студените месеци, туку претставува и вистински заштитник на здравјето – богата со витамини, минерали и антиоксиданси кои му се неопходни на организмот.
Според нутриционистите, тиквата е рудник на калиум и влакна, две хранливи материи кои честопати недостасуваат во исхраната на возрасните. Таа не само што е вкусна и разновидна во подготовката, туку и има докажано позитивно влијание врз дигестивниот, кардиоваскуларниот и имунолошкиот систем.
„Месото“ од тиквата — делот со интензивна жолто-портокалова боја — е највредниот дел. Тој изобилува со пектин и диететски влакна кои ја подобруваат работата на цревата и го спречуваат запекот. Пектинот, природен пребиотик, ги храни добрите бактерии во дигестивниот систем и придонесува за подобра рамнотежа на микрофлората.
Богатата содржина на калиум го намалува крвниот притисок и го штити срцето. Како што објаснуваат експертите, исхраната богата со калиум помага бубрезите да го исфрлат вишокот натриум и на тој начин го намалува ризикот од срцеви и мозочни удари.
Тиквата е и вистинска ризница на бета-каротен, антиоксиданс кој телото го претвора во витамин А – клучен за здрави очи, кожа и силен имунитет. Според податоците на Националниот институт за здравје, тиквата содржи повеќе бета-каротен дури и од морковите и слатките компири. Истражувањата покажуваат дека оваа состојка може да помогне и во превенција на одредени видови рак.
Освен тоа, тиквата има силно антиинфламаторно дејство. Благодарение на бета-каротенот, помага во намалување на воспалителните процеси во организмот, кои ако станат хронични, можат да доведат до сериозни заболувања како дијабетес, кардиоваскуларни болести и рак. Студиите објавени во научните списанија Nature Medicines и Plants потврдуваат дека токму бета-каротенот е еден од најсилните природни борци против воспаление.
Најновите истражувања покажуваат дека редовната консумација на тиква може да помогне и во превенција на канцерогени промени, како и во заштита на бубрезите и срцето.
Со оглед на тоа што е нискокалорична и богата со хранливи материи, тиквата е идеален избор за луѓе што внимаваат на исхраната или се на диета. Освен во кујната, таа го наоѓа своето место и во козметиката – како природен извор на витамини и ензими што ја обновуваат и освежуваат кожата.
Тиквата, симбол на есента и празничната топлина, не е само уживање на трпезата — таа е мала фабрика на здравје што вреди да ја има секој дом во студените месеци.