
Соединение кое природно се наоѓа во темното чоколадо би можело да има улога во забавување на процесот на стареење, покажуваат нови научни анализи. Станува збор за теобромин – растителна хемикалија присутна во какаото, која припаѓа на истата група алкалоиди како и кофеинот и веќе подолго време е предмет на истражувања поради потенцијалните здравствени придобивки. Истражувачите ги анализирале податоците од две независни студии. Во првата биле вклучени 509 женски близнаци од британскиот проект TwinsUK, додека втората опфатила 1.160 испитаници од германската студија KORA.
Кај сите учесници биле земени крвни примероци за мерење на концентрацијата на теобромин и за анализа на епигенетските маркери што ја одразуваат биолошката возраст, пренесува EatingWell. Резултатите укажуваат дека повисоките нивоа на теобромин се поврзани со побавно епигенетско стареење. Кај испитаниците од TwinsUK, лицата со поголема концентрација на ова соединение имале пониска биолошка возраст во однос на календарската, а истиот тренд бил забележан и кај учесниците во студијата KORA. Ефектот бил поизразен кај сегашните и поранешните пушачи.
Научниците посочуваат дека студијата има одредени ограничувања, меѓу кои и временската разлика во земањето примероци, како и можноста теоброминот да е индиректен показател за исхрана богата со други корисни состојки од какаото. Иако станува збор за опсервациско истражување, кое не може да потврди директна причинско-последична врска, наодите сепак сугерираат дека редовната консумација на производи од какао може да придонесе за поздраво стареење.
