
Трагедија ја потресе струмичката јавност откако вчера, околу 12 часот, во ниви во близина на градот било пронајдено безживотно тело на 19 годишно момче, матурант во едно од средните училишта во градот.
Телото било пронајдено на месноста викана Крива Река позади складот за дрва на подружницата на Македонски шуми.
-Според првичните информации телото го пронашле мајката на момчето и негов другар кои излегле да го бараат откако тој не се вратил дома подолго време, објави ТВ Сител.
„Лекар констатирал смрт, а увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа на СВР Струмица. По наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција“, се наведува во информацијата од СВР Струмица.
Од Основното јавно обвинителство Струмица информираа дека врз телото веќе е извршена обдукција, а досегашните наоди не покажале траги на насилство.
Се чекаат и резултатите од токсиколошките анализи, кои треба да дадат појасна слика за целиот случај и причините поради кои настанала смртта кај момчето.