Skip to main content
Балкан

Телефонски разговор Вучиќ – Лавров

23/12/2024  20:35

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска имал телефонски разговор со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за ситуацијата во Косово и Босна и Херцеговина, најавените санкции против Српската нафтена индустрија (НИС) и билатералните односи.

– Многу добар и содржаен разговор со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Го запознав министерот Лавров, како претставник на земја-членка на ОН, со фактот дека Приштина, кршејќи ги сите акти на меѓународното јавно право, се обидува на Српската листа да и забрани учество на претстојните избори, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.

Претседателот на Србија додаде дека разговарале и заеднички изразиле загриженост за ситуацијата во Босна и Херцеговина и Република Српска и се согласиле дека целосното почитување на Дејтонскиот мировен договор е најдобар начин за зачувување на мирот и стабилноста.

– Темите на разговорот беа најавените санкции за НИС, а договорена е средба на експерти од Србија и Русија, веднаш штом бидат објавени американските санкции, додаде Вучиќ.

Според него, се разговарало и за други прашања од билатералната соработка.

– Го потврдивме пријателството меѓу нашите земји и изразивме уверување дека со наш поголем ангажман можеме да ја зголемиме трговската размена меѓу Србија и Русија, додаде Вучиќ.