
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаеи го предупреди Зеленски дека доколку ја вклучи Украина во конфликтот со Иран, ќе има сериозни меѓународни последици за Киев.
Багаеи оцени дека украинското раководство се обидува да ја реши сопствената криза со мешање во други конфликти, што, според него, не може да донесе излез од војната во која веќе се наоѓа земјата.
„Украинскиот проблем и мочуриштето во кое е доведен украинскиот народ нема да исчезнат со такви методи и обиди за мешање во други конфликти. Ова претставува соучесништво и соработка со агресорите против Иран, што ќе повлече меѓународна одговорност на таа земја“, рече Багаеи.
Иранскиот дипломат додаде дека евентуалното учество на украинските воени структури во операциите против Иран би имало трајни последици во односите меѓу двете земји.
„Иранскиот народ никогаш нема да му прости на Киев за учеството на украинските трупи во овој конфликт“, нагласи тој.
Овие изјави уследија откако украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Украина испратила три тима специјалисти против дронови во земјите од Блискиот Исток. Според него, секој од овие тимови има „десетици луѓе“.
Во исто време, Зеленски нагласи дека Украина „не е во војна со Иран“, нагласувајќи дека станува збор за техничка и експертска помош во областа на одбраната против дронови.


