Skip to main content
Хроника

Тажна вест: Почина академскиот сликар Коле Манев

23/01/2025  14:41

Во средата по кусо боледување во Скопје почина доајенот на македонското сликарство Коле Манев.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Бутел во петок од 14.30-15.30 часот, а погребот ќе биде во 15.30 часот.

Коле Манев беше роден во 1941 година во с. Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија. Во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера. Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција – Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ.

Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби во земјава, во Франција како и во земјите од регионот. Член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, награден со многу награди за своето сликарство. Тој е автор и на два играни филмови, по негово сценарио и режија – „ Мост“ и „Еко Скоп“, а се занимавал и со документаристика.