
Најновата емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ја отвори една од најсериозните теми за состојбите во државата – концептот на „заробена држава“, термин кој веќе се појавува и во извештаите на Европската комисија за Македонија.
Во гостувањето, Слаѓана Тасева од Transparency International објасни дека ваквата состојба подразбира институции кои не работат во интерес на граѓаните, туку се ставени во функција на политички и бизнис елити.
Како што беше истакнато во емисијата, корупцијата и економскиот криминал се меѓу најтешко докажливите појави, бидејќи најчесто се одвиваат зад затворени врати и со обостран интерес. Овие „темни бројки“ на криминалот, според анализите, се многу повисоки од официјално регистрираните случаи.
Дополнително, беше посочено дека корупцијата не е само финансиско злоупотребување, туку директно влијае врз квалитетот на живот. Од сомнителни тендери за депонии, до издавање дозволи за мали хидроцентрали и индустриски капацитети – последиците се чувствуваат преку загаден воздух, небезбедна вода и нарушен здравствен систем.
Во дебатата беше нагласено и постоењето на силна „култура на страв“. Граѓаните, но и вработените во институциите, ретко се осмелуваат да пријават злоупотреби поради страв од притисоци, губење на работното место или закани по нивната безбедност и семејства.
Тасева потенцира дека единствениот излез е воспоставување функционален систем на одговорност и отчетност, каде институциите ќе постапуваат според законите и професионалните стандарди, а не според партиски или лични интереси.


