
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска изјави дека неговата партија сè уште нема добиено официјална понуда од коалицијата „Влен“ за обединување во една партија. Тој порача дека му се допаѓа самата идеја, но дека досега немало конкретни разговори.
„Досега не сме имале понуда од „Влен“ за да бидеме една партија. Ако имаме, ќе одлучиме. Ако тие веќе одлучиле, им го даваме името – нека го задржат името ‘Влен’. Ние ќе останеме пет пратеника од Алијанса и ќе продолжиме како пратеничка група, но отворени сме за соработка со сите“, изјави Таравари, додавајќи дека не водел разговори со ДУИ.
Во врска со наводите дека добил понуди и од „Влен“ и од ДУИ за распределба на советничките листи и кандидатури за градоначалници на претстојните локални избори, Таравари вели дека од ДУИ не добил никаква понуда, а од „Влен“ добил, како што ја опиша – повеќе ултиматум отколку понуда.
„Не сум преговарал со ДУИ. „Влен“ ми пуштија – повеќе би рекол ултиматум – пред вчерашното Собрание. Јас никогаш не прифаќам ултиматуми, сакам разговори. Ние сме подготвени да разговараме со сите, пред сè со „Влен“, бидејќи досега сме биле дел од таа коалиција. Но ако одлучат тие да одат без нас, ние тоа го прифаќаме“, истакна Таравари.