
Министерот за здравство, Арбен Таравари денеска информира дека ги имаат сите информации за повредените лица во трагедијата, но, дека не е етички да ги објават нивните имиња. За наводите дека уште еден возач на Брзата помош во Кочани добил срцев удар, министерот истакна дека засега тоа е шпекулација односно немаат таква информација на ниво на Кризен штаб.
На новинарско прашање дали е точно дека возачот на Брзата помош, Илчо Гоцевски кој што почина од мозочен удар, возел 36 часа на денот на трагедијата, Таравари информира дека во вонредна состојба сите работеле повеќе од 20 часа и дека нема точно информација колку часови работел. Вели дека е неспорно тоа што го направил за пациентите.
-Јас како министер предлагам постхумно неговото семејство да го поканам и да го одликуваме. Следната недела планирам тоа да се случи. Во вонредна состојба сите работиме и не гледаме во часовникот, рече првиот човек во македонското здравство.
Гоцевски почина откако цела ноќ ги превезувал повредените во неделата наутро по трагедијата. По напорниот и долг ден се вратил дома да се одмори, но за жал не се разбудил.
„Прерано не напушти нашиот Иле Гоцевски. Пријател кој несебично секогаш го даваше својот максимум. Не знаеше да каже не“, стои во една од објавите посветени на возачот.