Skip to main content
Свет

Танкери кај Венецуела се пререгистрирале под руско знаме поради американската блокада

07/01/2026  15:46

Најмалку пет нафтени танкери во близина на брегот на Венецуела ги смениле своите знамиња и се регистрирале како руски, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на поморски и безбедносни извори. Според извештајот, пререгистрацијата следела по засилените активности на американската морнарица, која спроведува поморска блокада и операција насочена кон бродови од таканаречената „флота во сенка“, обвинети за транспорт на нафта спротивно на западните санкции. Како што наведува весникот, танкерот „Бела 1“ прв го променил името и знамето и сега плови како „Маринера“, по што ист чекор направил и танкерот „Хиперион“.

„Волстрит џурнал“ претходно објави дека Русија испратила подморница за да го следи „Маринера“, откако САД наводно се обиделе да го запленат танкерот во близина на венецуелските води. Бродот, според написот, околу две недели се обидувал да ја заобиколи блокадата со цел да стигне до пристаништата за утовар на нафта. Од руското Министерство за надворешни работи соопштија дека танкерот бил следен од брод на американската крајбрежна стража иако се наоѓал на околу 4.000 километри од американскиот брег, предупредувајќи дека ваквите активности носат сериозен ризик од ескалација на воените тензии на море.