
Американскиот новинар Такер Карлсон, во интервју за германскиот весник Билд, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил „огромен исчекор за Русија“, многу повеќе отколку што, според него, постигнал кој било германски политичар во последниве децении.
„Не го бранам Путин, но според мојата проценка тој направи многу за својата земја. Вашата држава тоне, додека Русија се издигнува“, рече Карлсон, додавајќи дека му изгледа „апсурдно“ што луѓето на Запад се лутат на Путин, наместо на сопствените лидери.
„Тоа ме насмевнува. Треба да сте гневни на вашите политичари, не на Путин“, истакна тој.
Карлсон остро ја критикуваше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, нарекувајќи ја „криминалец“ поради нејзината политика на отворени врати за мигрантите.
„Таа буквално ја уништи Германија. Не е Путин тој што ги наполни парковите со отпадоци и донесе мигранти – тоа беше Меркел. А сегашниот канцелар Фридрих Мерц продолжува по истиот пат“, оцени Карлсон.
Новинарот додаде дека доколку се игнорираат пропагандните наративи и се фокусира вниманието на реалните проблеми, Германците ќе сфатат дека Путин не им е вистинскиот непријател.
Во врска со санкциите против Русија, Карлсон нагласи дека САД сериозно ја потцениле способноста на Москва да ја реорганизира својата економија.
„Со санкциите само си направивме штета. Америка сега има сè помалку алатки за притисок врз Русија, бидејќи нејзината економија не е онаква каква што ја замислувавме“, изјави тој.
Такер Карлсон, кој денес самостојно објавува содржини преку сопствени платформи, претходно оваа година интервјуираше иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, а во минатото разговараше со рускиот претседател Путин и со американскиот сенатор Тед Круз. Карлсон неодамна откри дека по третпат побарал интервју и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.