Skip to main content
Хроника

Тага во Луксембург: Почина 22-годишниот принц Фредерик од Насау

09/03/2025  12:09

Принцот Фредерик од Насау, млад член на кралското семејство на Луксембург, почина на 22-годишна возраст, по долга и тешка битка со ретко генетско нарушување, познато како синдром на осиромашување на митохондријалната ДНК. Оваа болест постепено ја нарушува клеточната енергија и може да доведе до дисфункција и откажување на органите.

Тажната вест за неговата смрт ја соопшти неговиот татко, принцот Роберт од Луксембург, кој изјави дека и покрај напорите на неговото семејство и лекарите, Фредерик на 1 март ја изгубил битката со болеста. На 28 февруари, во емотивен момент, кога се чувствувал дека животот му е на крај, принцот Фредерик го собрал семејството за да се збогува со нив на Денот на ретките болести.

Овој синдром се јавува како резултат на мутација на генот POLG, што доведува до намалување на бројот на митохондријална ДНК во клетките и ги оставa без потребната енергија, на сличен начин како батерија што никогаш не се полни. Симптомите на болеста се појавиле уште од рана возраст на принцот Фредерик, но биле препознаени дури подоцна.

Таткото на принцот, принцот Роберт, се присетил на почетните знаци на болеста: „Како бебе, тој спиеше додека другите деца играа. Потоа започнаа проблеми со рамнотежата и координацијата, често губеше сила и беше често болен“.