
Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) изразија сериозна загриженост дека светот би можел да се соочи со нова пандемија, далеку посмртоносна од Ковид-19, кој однесе околу 1,2 милиони животи.
Според нив, пандемијата на коронавирусот била само предупредување за она што би можело да следи. Таканаречената „болест Х“, непознат патоген со потенцијал да предизвика глобална катастрофа, веќе е во фокусот на стручњаците.
„Ебола, Марбург, грип, сите коронавируси, но веројатно најважна е болеста Х – термин што го смисливме во 2018 година за непознат патоген со потенцијал за сериозна глобална пандемија“, изјави Маргарет Харис од СЗО.
Во новиот документарец на Би-Би-Си „Болест Х: Потрага по следната пандемија“, д-р Крис Ван Тулекен го истражува работењето на експертите во Женева, каде секојдневно се следат епидемии низ светот. Некои од овие болести имаат застрашувачки стапки на смртност.
Епидемијата на птичји грип во Виетнам, на пример, забележала стапка на смртност од 50 проценти, додека жолтата треска во Јужна Америка предизвикала десетици жртви. Особено е загрижувачки Хенипавирусот, кој во 1990-тите во Малезија уништил цело село, со потенцијална смртност од 40–75 проценти.
Додатна закана е и птичјиот грип H5N1, кој веќе се прошири на стока во Тексас и инфицираше земјоделци и ветеринари. Според експертите, H5N1 денес е „поблиску до пандемијален потенцијал од кога било претходно“.
Современото земјоделство и брзиот глобален воздушен сообраќај дополнително го зголемуваат ризикот од појава и брзо ширење на нови зоонози – болести што се пренесуваат од животни на луѓе.
СЗО предупредува дека „болеста Х“ може да се појави од кој било дел на светот и да предизвика масовни жртви пред да се развијат ефикасни мерки за заштита.
„Она што доаѓа би можело да направи пандемијата на Ковид-19 да изгледа благо“, предупредува Харис.