Skip to main content
Свет

СЗО: Новиот сој на грип го оптоварува здравството во Европа

17/12/2025  21:13

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека новиот сој на вирусот на грип создава сериозен притисок врз здравствените системи низ Европа, при што најмалку 27 од 38-те европски земји опфатени од СЗО пријавуваат висока активност на вирусот.

„Наглото зголемување на бројот на случаи на грип предизвикани од новиот доминантен сој на вирусот А(H3N2) се шири низ Европа, ставајќи ги здравствените системи во неколку земји под сериозен притисок“, соопшти СЗО, објави лондонски Гардијан.

Од организацијата наведуваат дека шест земји, меѓу кои Ирска, Србија, Словенија и Велика Британија, регистрирале висока или многу висока активност на вирусот на грип. СЗО посочува и дека сезоната на грип оваа година започнала околу четири недели порано во споредба со претходните години. Граѓаните се повикуваат да преземат мерки за намалување на ширењето на вирусот, како што се вакцинирање, останување дома доколку се чувствуваат лошо и носење маска на јавни места при појава на симптоми на респираторна инфекција.

Според СЗО, новиот сезонски сој сочинува до 90 проценти од сите потврдени случаи на грип во европскиот регион, но засега нема докази дека предизвикува потешки форми на болеста.

„Грипот се јавува секоја зима, но оваа година е малку поинаква. Тоа покажува како само мала генетска варијација во вирусот на грип може да изврши огромен притисок врз нашите здравствени системи“, рече Ханс-Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

СЗО соопшти и дека првичните податоци од Велика Британија покажуваат дека вакцината против грип го намалува ризикот од инфекција со новиот сој А(H3N2) со тешки симптоми. Иако вакцината можеби нема целосно да спречи инфекција, таа останува најважната превентивна мерка.

„Ова е особено важно за луѓето изложени на поголем ризик, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со хронични здравствени проблеми, бремените жени и децата“, се вели во соопштението на СЗО, при што се нагласува дека здравствените работници се приоритетна група, бидејќи со заштита на сопственото здравје го штитат и здравјето на пациентите. Клуге додаде дека се очекува сезоната на грип годинава да го достигне својот врв кон крајот на декември или на почетокот на јануари следната година, објави Б92.