
Подигнување на свеста за менталното здравје, односно да се доближиме до народот. Тоа е причината зошто сме на отворено, а не зад затворени врати. Овозможуваме да се отвориме и да бидеме видливи и да бидеме достапни, и психијатрите, психолозите, социјалните работници и сите здравствени работници и соработници кои работат со менталното здравје. Да бидеме видливи и достапни за кој било граѓанин, изјави денеска директорката на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје проф. д-р Славица Арсова на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје – 10 Октомври.
Арсова рече дека секоја година го одбележуваат Светскиот ден на менталното здравје со различна тема, а годинашнава тема е „Интервенции во криза“. – Кризи се големи катастрофи или несрeќи кои зафаќаат голем дел од општеството во еден момент, при што ниедно општество, дури и најбогатото, не може да се справи во истиот момент со потешкотиите кои ги имаат тие граѓани. Тоа може да бидат воени настани, терористички настани, природни катастрофи и тука морам да спомнам тоа што се случуваше изминатиот период кај нас, повеќе настани, но тоа што ја одбележа оваа година е една голема криза, општествена, здравствена, економска, социјална, која настана поради несреќата во Кочани, изјави Арсова на градскиот плоштад „Македонија“.

Таа објасни дека повредите, изгорениците и скршеници се видливи, но тие што не ги гледаме на самиот почеток, дел од нив оставаат долгорочни последици, тоа се психичките потешкотии или нарушување на менталното здравје.
– За среќа ние веднаш бевме присутни таму, а и се уште сме присутни, не само за оние кои настрадале, или имале блиски членови од семејството кои се соочиле со таа трагедија, туку и за сите останати граѓани бидејќи тоа се почувствува, предизвика последици на менталното здравје кај секој еден граѓанин во нашата држава, смета Арсова.
Директорката на Универзитетската клиника за психијатрија информира дека не обрнуваат внимание само на тоа, туку и во однос на превенција на психички нарушувања кои се интервенти, самоповредувачко однесување, депресивни потешкотии кај млади и кај возерасни лица, особено кај ранливи категории на граѓани – деца, жени, постари лица, изнемоштени, лица кои имаат телесно или психичко нарушување.
Проф. д-р Антони Новотни изјави дека во ова време на отуѓено живеење во светот треба да се вративме на основниот постулат на заедништвото, да се вратиме на можноста како да си помогнеме еден на друг, како да се приближиме, да бидеме пристапни и достапни.
– Семејството, локалната заедница и професионалците, секако ние, треба да бидеме достапни и да се сетиме дека сослушувањето, разговорот, достапноста и бивањето сега и тука за луѓето кои се во криза е лечевен фактор и фактор кој може да придонесе за надминување на кризата, порача Новотни.
Директорот на ФЗО Сашо Клековски потенцира дека за менталното здравје мора гласно да говориме.
-Не смееме да го оставаме на маргините на нашите животи, како што се ставени клиничките болници и психијатриските болници. Менталното здравје во Македонија е се уште стигма затоа психијатриските болници се далеку од нашите очи. Овде сум за да покажам дека сме спремни тоа да го менуваме и да помогнеме менталното здравје да биде нормалмо третирано, како дел од животот. Она што Фондот за здравствено осигурување го направи оваа година е првпат вклучивме состојба од ментално здравје во превентивните цели кај матичните лекари. Вклучено е рано откривање на депресија кај млади до 35 години, како превентивна цел и сите матичните лекари низ цела земја ќе имаат задача да поминуват еден дел од осигуренците и да детектираат евентуално такви состојби. Тие се дел од ранливите групи, изјави Клековски.
Додаде дека во Стратегијата за здравство до 2030 година менталното здравје е еден од петте здравствени приоритети, а посебен акцент е менталното здравје на младите.
Одговарајќи на новинарско прашање, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје Арсова изјави дека младите повеќе се грижат за своето ментално здравје отколку во минатото.
-Имаме се повеќе луѓе кои бараат помош, психијатриско – психолошка помош, и тука не се исклучени младите. Младите веќе се поосвестени во однос на своето ментално здравје и знаат да препознаат кога не им е добро или кога се наоѓаат само во животна лична криза и не стигма, не е срам да се бара психијатриско – психолошка помош, рече Арсова.
Апелираше дека покрај анксиозните, треба да се внимава на депресивните случаи кои водат ризик кон самоповредувачко и самоубиствено однесување.