Skip to main content
Македонија

Сведоштво на гитаристот на ДНК: Капеше растопен сунѓер, пожарот почна над бината

25/02/2026  13:57

Пред Судот сведочеше Горан Тонев, гитарист во групата ДНК и единствениот преживеан член на бендот, покрај придружниот вокал Ана Костадовска, која сведочеше претходно. Тонев во судницата се појави со видливи изгореници на лицето и вратот, како последица од пожарот.

Тој изјави дека околу една година и три месеци имал устен договор со Филип Стевановски да настапува како надворешен соработник и гитарист со дуото ДНК.

Тонев посочи дека вечерта на 16 март пристигнал во објектот околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев. За време на техничката проба не забележал поставување пиротехника, но по нивното враќање на сцената таа веќе била поставена.

За време на настапите, како што рече, секогаш се наоѓал во задниот дел од бината, додека пиротехниката била поставена во предниот дел.

Според неговото сведочење, пожарот започнал директно над сцената, објави 4news.mk

„Се симнав по скалите и се упатив кон вратата. Од горе капеа жешки капки, беше екстремно топло, чадот беше густ и не можев да дишам“, изјави Тонев.

Тој објасни дека материјалот на таванот, кој наликувал на брановидни сунѓери како во музичките студија, почнал да се топи, при што токму тие растопени делови предизвикале дел од повредите.

Гитаристот сведочеше дека се здобил со изгореници на дишните патишта, десното уво, десната рака, лицето и грбот. Поради сериозноста на повредите бил лекуван во Солун и сè уште не е во можност да се врати на работа.

Во однос на пиротехниката, Тонев изјави дека претходно го видел Мартин како ја поместува, но критичната вечер не забележал кој ја поставувал.